КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА НАЈДОБРА ЛИКОВНА ТВОРБА

Коалиција на младински организации СЕГА во рамките на својата годишна програма за 2012 година го спроведува проектот „Промовирање на меѓукултурниот дијалог помеѓу младите во Македонија“. Проектот има за цел да се промовира меѓукултурниот дијалог помеѓу младите во општините каде живеат млади од различна етничка припадност.

Во рамките на проектот СЕГА објавува конкурс за избор на најдобри ликовни творби на тема „Меѓукултурен Дијалог“.

ПРАВО НА УЧЕСТВО

Ученици од I до IV година од сите средни училишта од општините: Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Теарце.

ПОСЕБНИ КРИТЕРИУМИ

Ликовните творби можат да бидат насликани во техника по слободен избор (молив, пастели, водени бои - акварел, масло, темпера, мастило - туш...). Темата на ликовниот натпревар е „Меѓукултурен дијалог“ и истата може да вклучи цртежи кои го отсликуваат меѓукултурниот дијалог помеѓу младите, животот на младите во меѓукултурно општество и цртежи кои пренесуваат пораки за пријателство, соживот, почитување, традиција и сл. (игри, доживувања, традиции, народни обичаи итн.) Секој ученик може да испрати максимум 3 цртежи на конкурсот. Ликовната творба што ќе биде испратена мора да биде оригинал и да не биде претходно испраќана на други натпревари.

НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Ликовните творби доставете ги до педагошко психолошката служба во вашето училиште најдоцна до 15 ноември 2012 година. На позадината на секој цртеж залепете ливче на кое ќе бидат содржани следниве податоци:

Име и презиме:

Националност:

Клас:

Име на училиште:

Општина:

НАЧИН НА ИЗБОР

За избор на најдобрите творби, Коалиција на младински организации СЕГА ќе формира независна комисија составена од три члена. Комисијата за избор на Коалиција СЕГА ќе одбере по три најдобри творби од секој од наведените градови, кои ќе бидат објавени во електронски каталог „Јас и мојот пријател“. На сите ученици чии творби ќе бидат објавени во каталогот ќе им бидат доделени дипломи.

ПРОМОЦИЈА НА ЕЛЕКТРОНСКИОТ КАТАЛОГ „ЈАС И МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ“

Електронскиот каталог „Јас и мојот пријател“ ќе биде објавен на веб страната на Коалиција на младински организации СЕГА – www.sega.org.mk, на веб страните на партнер организациите како и на социјалните медиуми. Исто така, каталогот ќе биде испратен до сите училишта, младински организации, донатори и млади со цел да се испрати јасна порака од младите луѓе за важноста од негувањето на меѓукултурниот дијалог во Македонија. Ќе бидат организирани локални промоции на електронскиот каталог „Јас и мојот пријател“ во Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Теарце. Промоциите ќе бидат организирани во декември 2012 година.

Коалиција на младински организации СЕГА

Иво Лола Рибар, 5

7500, Прилеп, Македонија

048/429-390

Побарајте нè и на:

EU for You EU for You

Кампања

Паметен Туризам